Марота: Јуве е клуб кој купува, а не клуб што продава

Генералниот менаџер на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Џузепе Марота се обиде повторно да стави крај на сите шпекулации околу иднината на францускиот интернационалец Пол Погба кој важи за најголема желба на најбогатите клубови во Европа, ПСЖ, Манчестер Сити, Челзи и Реал (М).

„Прво треба да заврши актуелната сезона во италијанската Серија А. Да го освоиме популарното “скудето”, да ги завршиме натпреварите во Лигата на Европа и потоа ќе направиме една генерална проценка, ќе видиме кои фудбалери ќе останат во Торино, а кои ќе бидат продадени за време на летниот преоден рок. Пол Погба? Јас уште еднаш ќе повторам дека Јувентус е клуб кој клупува фудбалери, а не клуб кој продава фудбалери. Се надевам дека со ваквата изјава ставив крај на сите дилеми кога е во прашање иднината на францускиот интернационалец”, изјави главниот оперативец на “старата дама”.

И покрај таквиот тврд став, фудбалските медиуми во Италија се убедени дека раководните лица на Јувентус ќе прифатат продажба на 21-годишниот играч за врска доколку понудата за неговите услуги не биде помала од 50 мил. евра.