„Маседониа ерлајнс“ со доминантен домашен капитал

На компанијата на која ќе биде доделена лиценца да работи како наш национален авиопревозник ќе треба да има најмалку 51% капитал од македонска компанија и да има барем еден авион регистриран во земјава, во сопственост или под закуп, пренесува Вечер.

Плановите за формирање на македонска национална авиокомпанија многу напреднале по неодамнешната средба на воздухопловните власти со претставници на транспортери од автобускиот и товарниот превоз и разговорите околу тоа како новиот авиопревозник ќе влијае на нивното работење.

Од Министерството за транспорт и врски биле потенцирани бенефитите кои што новиот национален авиопревозник ќе ги донесе за зајакнување на туризмот, како и за натамошниот развој на авиосообраќајот во земјава.

Првиот човек на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсоски нагласил дека придобивките од воспоставување на национален авиопревозник се значајни, не само за македонското воздухопловство, туку и за нашите социо-економски прилики.

-Националната авиокомпанија ќе генерира нови работни места, раст на БДП и отворање на нови авиодестинации со што земјава ќе ги зголеми економските врски, а како резултат на тоа, ќе се подигне имиџот на Македонија во светот – изјавил Мојсоски.

Како што е нагласено во текстот објавен на веб-сајтот на АЦВ, Мојсоски ги образложил деталите околу сопственоста на националниот авиопревозник.

-Македонија ќе има мнозински удел во својот нов авиопревозник. Наша заложба е да донесат повеќе авиокомпании во Македонија, што е главната причината зошто се преземаат мерки за намалување на административните бариери и либерализација на воздушниот сообраќај во земјата. На компанијата на која ќе биде доделена лиценца да работи како наш национален авиопревозник ќе треба да има најмалку 51% капитал од македонска компанија и да има барем еден авион регистриран во Македонија, во сопственост или под закуп, објаснил Мојсоски.

Според него, Македонија има 63 регистрирани комерцијални пилоти, од кои повеќето работат надвор од земјата, но се подготвени да се вратат дома, како и уште 74 технички персонал.

Летово македонската влада ги објави плановите да се поканат воспоставени странски авиокомпании да помогнат во создавањето на нов авиопревозник.

Турската компанија ТАВ Аеродромски Холдинг, која стопанисува со двата меѓународни аеродроми во Македонија, рече дека земјата е во потрага од националниот превозник кој ќе помогне да се развие авионската индустрија.Она што недостасува е национален авиопревозник под името „Маседониа ерлајнс“. Ние инвестиравме во аеродромите и Македонија треба да инвестира во сопствената иднина – изјавија од ТАВ.

Туркиш ерлајнс падна како фаворит за партнерство со македонската влада за да се воспостави нов национален авиопревозник.

На 29 август, македонски и турски воздухопловни власти потпишаа Меморандум за разбирање на Европската конференција за цивилно воздухопловство во Дубровник.Меморандумот за разбирање повикува на зајакнувањето на регионалната соработка.

Потпишувањето на Меморандумот со турските воздухопловни власти доаѓа како резултат на зголемување на редовниот и чартер сообраќај, како и инвестиции во областа на цивилното воздухопловство, изјавија од АЦВ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.