Масимо Морати се повлече од Интер

Досегашниот почесен претседател на Интер Масимо Морати ја напушти оваа функција.

Морати до ноември минатата година беше претседател на Интер, а од ноември беше на позицијата почесен претседател, место кое го доби откако мнозинскиот пакет на акции му беше продаден на бизнисменот од Индонезија Ерик Тохир, кој тогаш стана прв човек на клубот.

Покрај Морати во четвртокот од клубот си замина и неговиот син Анџеломарио, кој беше потпретседател на клубот, но и Риналдо Гелфи и Алберто Манцонето, членови на главниот одбор.

Потврдата за повлекувањето на Морати стигна и од неговата компанија, која и покрај неговото заминување сеуште останува акционер во Интер, со 29,5 проценти од вкупниот број на акции.

Морати беше претседател на Интер од 1995-та година и во текот на неговото владеење клубот пет пати ја освои титулата во Италија, четири трофеи во Купот, четири Суперкупа на Италија, по една титула во Лигата на шампионите и Купот на УЕФА, како и една титула на Светското клупско првенство.