Машината на Сити не запира, отиде на плус 15

Фудбалерите на Манчестер Сити продолжуваат со серијата победи во англиското првенство, а во 20-то коло на гостувањето го совладаа Њукасл Јунајтед со 1:0, со што ја остварија 18-та последователна победа.

Победничкиот гол го постигна Рахим Стерлинг во 31 минута. Победата на Манчестер Сити можеше да биде и поубедлива, Серхио Агуеро во првото полувреме двапати ја победи рамката на голот, а Кевин де Брујне во продолжување ја погоди стативата.

Ова е дури 18-та последователна победа за „граѓаните“, а единствен клуб во петте најсилни европски лиги кој нанижа повеќе победи е минхенски Баерн во сезоната 2013/2014 кога имаше 19 последователни победи, и тоа исто така под водство на Пеп Гвардиола.

Сити со оваа средба ја продолжија и серијата без порази против Њукасл Јунајтед на дури 20 натпревари постигнувајќи 17 победи. Последниот пат „свраките“ ги совладаа „граѓаните“ во септември 2005 година, а победничкиот погодок го постигна Мајкл Овен.

Со новите три бода Манчестер Сити му побегна на второпласираниот Манчестер Јунајтед на 15 бодови предност, додека Челзи на тратата позиција има заостанување од 16 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.