Машиновозачите во штрајк, бараат средба со Груевски

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во Македонија и понатаму е во прекин, откако од вчера напладне машиновозачите ги бојкотираат работните задачи незадоволни од доцнењето во исплатата на платите.

Од Железничката  станица во Скопје потврдуват дека не сообраќа ниту еден воз, а според дел од синдикатите во МЖ Транспорт, пак, пуштени се само три воза за транспорт на мигранти.

Според Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија  (НСМПМ), бојкотот е поради доцнењето на исплатата на платите, материјалните трошоци и здравственото осигурување за јули и за август, за што бараат средба со премиерот Никола Груевски, бидејќи не се задоволни од досегашните разговори со раководството на МЖ Транспорт и со ресорното министерство.
Тие воедно бараат да се смени сегашниот начин на пресметка за бенифицираниот стаж, според кој што вработените треба да бидат ангажирани цели четири години на исто работно место за една година бенифициран стаж. Од Синдикатот велат дека овој начин не е добар за работниците, бидејќи може да се случи вработениот пред истекот на тие четири години да се распредели на друго работно место, и со тоа го губи правото на бенифицираната година која му следува. Тие бараат да се врати по старо, односно, на 12 месеци, да се добива четири месеци бенифициран стаж.

Нема да ги исполнуваме работните задачи се додека не се оствари средбата што ја бараме, и не се исплати во целост платата за јули.  За платата за август бараме почитување на законските одредби за исплата најдоцна до 25 овој месец, изјави претседателот на НСМПМ Душко Чакаровски.