Масовен марш во Струмица ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО)

Во Струмица попладнево се одржа протестен марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ од каде упатија несогласување со тиранската платформа и пораки за за зачувување на унитарноста на државата.

Како и претходните десетина денови, најпрвин пред граѓаните се обратија говорници кои ги изнесоа ставовите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, како и сопствените видувања за актуелната политичка состојба.

– Овде сме бидејќи сме горди на тоа што сме и знаеме дека каде и да одиме Македонија во себе ја носиме. И каде и да останеме повторно во неа посакуваме да се вратиме. Не има и такви кои никогаш не би заминале и доволно е секој да се запраша и да си одговори. Истовремено да погледне малку пошироко, онака како што гледаме сите ние кои сме овде: Што доколку ни го помрашат единственото сонце кое не грее? Што доколку ни го одземат единствениот дом што го имаме? Македонија е една, единствена, наша и ничија друга, суверена и унитарна, рече младата струмичанка, Елена Стојанова.

Поворката граѓани потоа се упати низ централното градско подрачје преку старата чаршија испраќајки ги пораките за заштита и чување на државотворноста, името, химната и знамето на Македонија.

Деновиве во протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија„ се вклучија и општина Василево и Општина Ново Село.