Масовна вежба на воените воздухопловни сили во Русија

Во делови од Русија почна масовна вежба на руските воено воздухопловни сили, со учество на 250 авиони и 12 илјади припадници на воздухопловството.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата која се означува како „масовна изненадувачка инспекција“ на борбената подготвеност, ќе трае четири дена.

Оваа „инспекција“ на воздушните сили и на противвоздушната одбрана, се одржува во централната воена област на земјата. Во неа се вклучени 700 видови оружје и разна друга воена техника.

Во соопштението на Министерството во Москва, се вели дека за време на вежбата, руските борбени авиони со долг радиус на летање ќе извршат ракетно гаѓање на определени цели во сибирската република Коми.

Оваа воена вежба на руските воздушни сили, почна истиот ден кога НАТО и некои негови земји-членки на Алијансата, почнаа со воена вежба во реонот на Арктикот.

Западот ја обвинува Русија дека по „интервенцијата“ во Украина и „упадите“ на руските авиони во западниот воздушен простор, ја зголемила затегнатоста во меѓународните односи.

Москва ги отфрла ваквите обвинувања тврдејќи дека создадената криза на руската граница (со случувањата во Украина) налагаат зголемена будност.

Рускиот заменик министер за одбрана, Дмитри Рогозин во изјавата по повод започнувањето на оваа воена вежба, шеговите порача дека на „тенковите (странски) не им е потребна виза“.