Масовни преместувања во РЕК Битола и притисок врз гласачи во Новаци пред вториот изборен круг

 

Невидениот притисок со директни закани и уцени од страна на СДСМ кон граѓаните продолжува. Во рамките на нивната акција да се уценат гласачи на ВМРО-ДПМНЕ да не излезат и да гласаат на изборите, сега на мета се жителите на Новаци, општина во која во вториот круг ќе се одлучува за идниот градоначалник, меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пишува во четвртокот порталот Курир.мк.

Голем дел од жителите на оваа општина работат во РЕК Битола, а оние кои се детектирани како симпатизери и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се прераспоредени на работните места во периодов, па така има примери каде луѓе од позиции на ракувачи на станици се преместени да работат како чистачи, се наведува во информацијата.

„Ме преместија, прашав зошто, па ме викна еден колега и ми рече ‘ова ти е поздрав, ако излезеш да гласаш на 29-ти ќе си останеш да бидеш чистач’. Па ти сега размисли што ќе правиш и како ти одговара“, вели анонимен вработен во РЕК-от кој не криел дека е симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, поради што е и детектиран и врз него е извршена закана.

Тој вели дека вакви притисоци се вршат на сите негови колеги, а сведоштва од целата држава велат дека на ваков начин повеќе десетици илјади граѓани под директна закана биле задржани дома и не излегоа на гласање.

Нешто слично се случуваше во РЕК Битола и пред митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 13-ти октомври, кога луѓето ги задржувале на работа за да не можат да стигнат на собирот во Скопје.

Оваа акција за закани и уцени е дел од целокупниот план на СДСМ за изборен инженеринг и фалсификување на волјата на граѓаните и резултираше со многу намалена излезност во првиот круг. Аналитичарите велат дека многу граѓани плашејќи се од заканите останале дома сметајќи дека сепак кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за кој би гласале сигурно ќе победи.

Поради епилогот од првиот круг и продолжувањето на ваквите закани се очекува масовна излезност на изборите во вториот круг и казнување за политиките на притисок на СДСМ.

Покрај со закани и уцени, според сведоштва на граѓаните и полицијата СДСМ на овие избори се служеше со поткуп кој во 90% од случаите беше штитен токму од партиски кадри во МВР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.