Масовни протести во Турција, се бара оставка на Ердоган

Корупцискиот скандал во Турција предизвика протести, кои се на пат да заличат на оние на плоштадот Таксим, што се случуваа летово. Околу 5.000 демонстранти побараа оставка од премиерот Реџеп Таип Ердоган, на протест во Истанбул. Протести се одржуваат и во уште неколку турски градови, пренесуваат локалните медиуми.

Ердоган од својот кабинет промени десет министри. До радикалната промена дојде откако тројца членови на кабинетот поднесоа оставка поради корупцискиот скандал.

Според турски медиуми, други антивладини протести имало во истанбулскиот кварт Бешикташ, во близина на канцелариите на премиерот во европскиот дел на градот, како и во престолнината Анкара и во западниот град Измир.

Полицијата употреби солзавец за да ги растури демонстрантите во квартот Кадикој, на азискиот брег на метрополата.

„Корупцијата е насекаде!“, „Отпорот е насекаде“!, скандираа демонстрантите, користејќи ги паролите од масовните антивладини протести, кои ја потресоа Турција во првите три седмици на јуни.

На социјалните мрежи осамнаа повици за нови демонстрации против корупцијата и против Ердоган утревечер на плоштадот „Таксим“, што беше центар на јунските протести.