Масовно убиство во Салвадор

Најмалку шест лица се убиени од страна на припадници на бандите во Салвадор, соопшти главно обвинителство на оваа централно американска земја.

„Канцеларијата на јавниот обвините на републиката во Усулутан известува за убиство на шест лица во кантонот Хокотило во судскиот округ Мерседес-Уман“, се наведува во соопштението на обвинителството објавено на Twitter.

Според првичните сознанија, убиени се пет мажи и една жена. Причините за нивната егзекуција сѐ уште не се познати, но полицијата се сомнева дека станува збор за пресметка меѓу ривалските банди.

На територијата на Салвадор дејствуваат две главни банди, Барио 18 и Мара Салватруча, кои се меѓу најмоќните криминални групи во САД, Мексико и Централна Америка. Се проценува дека вкупно 70.000 лица се припадници на овие злосторнички организации.

Двете банди главно се составени од лица со потекло од централноамериканските земји, но исто така дејствуваат и во некои области на Лос Анџелес, каде што се занимаваат со трговија со дроги и други криминални активности.

Стапката на криминалитет во Централна Америка и натаму е многу висока и покрај напорите на тамошните власти да се справат со овој голем проблем. Според последните статистички показатели, бројот на убиства на 100.000 жители во Салвадор изнесува 103, во Хондурас 56, а во Гватемала 30 убиства.