Македонија

Mатичните лекари прегледале над 93.900 осигуреници за шест месеци

Mатичните лекари прегледале над 93.900 осигуреници за шест месеци

Матичните лекари во 2016 и 2017 година треба да извршат превентивни прегледи на осигуреници на возраст од 35 до 56 годишна возраст. Во оваа категорија припаѓаат 664.000 осигуреници од кои во првото полугодие од годинава, превентивни прегледи направиле 93.907 осигуреници. Ова на денешната прес-конфернција го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефановски.

– Со воведување на превентивните цели во примарната здравствена заштита за дејноста општа медицина, овозможуваме рационализирање и правилно искористување на средствата на Фондот, како и подигнување на квалитетот на здравствена заштита во државата, рече Стефановски.

Фондот, како што појасни, како обврска за матичните лекари воведе три цели кои се превентивни мерки за рано и навремено откривање на трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетес мелитус, како и секундарна превенција на можните компликации од овие болести кои лекарите мора да ги реализираат.

Од околу 90 осигуреници кои биле кај матичниот лекар во првите шест месеци од 2016 и направиле преглед за кардиоваскуларни заболувања, утврдено е дека низок ризик имаат 42.982 жени и 12.928 мажи.  Кај околу 21.600 мажи и околу 11.200 жени откриен е среден ризик од кардиоваскуларни заболувања, а кај 172 мажи и една жена откриен е висок ризик од кардиоваскуларна фатална епизода во наредните десет години.

На лицата со висок ризик, како што рече Стефановски, им е даден соодветен совет или терапија, а се упатени и на кардиолог за понатамошно следење.

Според него, овие лица потребно е да ги следат советите на лекарите, да имаат поздрава исхрана и поголема физичка активност.

За превенција од нефролошки заболувања испитани се 93.907 осигуреници и кај 93.538 лица е утврден низок ризик од добивање на нефролошко заболување. Кај 368 лица утврден е умерен ризик, а едно лице е со висок ризик.

Стефановски истакна дека потребно е осигурениците да намалат внес на соли, шеќери и мрсна храна.