Матис ѝ порач на Шекеринска: Прагот на НАТО за Македонија е спорот за името

На средбата со македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска во Пентагон, Матис рече и дека мора да ѝ аплаудира на Македонија за отпорот што го дава на „руското малигно влијание на Балканот“ и дека протерувањето на рускиот дипломат по нападот со хемиско оружје во Салисбери покажува дека Македонија стои цврсто „на страната на цивилизираните земји и меѓународното право“.

„Ние ја поздравуваме вашата работа со Грција за решавање на прашањето за името и се надевам дека таа наскоро ќе вроди плод. Не сакаме да видиме да бидете запрени на прагот на НАТО“, ѝ рече државниот секретар Матис на министерката Шекринска.

Според експертите, не само пораката од Матис, туку и самата средба на двајцата високи функционери, која е прва по шест години и која се случува на само два месеца пред Самитот на НАТО, е доказ за решеноста и на САД и на НАТО да ја видат Македонија како дел од Алијансата, но и дека тоа не е можно без решавање на прашањето за името.

„Сметам дека прагот на НАТО за кој зборува Матис на средбата со министерката Шекеринска е токму прашањето за името. И тоа е така уште од Самитот во 2008 година кога Македонија доби покана за членство. Поддршката на САД јасно и недвосмислено беше и останува за Македонија, но пораката дека мора да се реши прво спорот со Грција јасно ја кажа и генералниот секретар на НАТО во Скопје, Јенс Столтенберг“, вели за РСЕ, Зоран Нечев од Институтот за демократија од Скопје.

Додава дека од изјавата на Матис јасно се гледа силната поддршка на САД за Македонија, особено е тоа видливо во неговата благодарност „за заложбите на Македонија да не скршне од евроатлантската определба и покрај силните влијанија, особено од Русија“.