Матурантите по деветти пат играа квадрил

На плоштадот „Пела “ денеска се одржа деветтата по ред „Матурска парада 2015“, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници  од повеќе градови од земјава и од Европа, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“.„Матурската парада“  ја отвори Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

–  Матуранти, со завршувањето на средното обрзование, пред вас стојат многу можности, Ви пожелувам да ги искористите новите предизвици и искушенија кои, искрено се надевам, дека ќе успеете да ги совладате со својот младешки елан, енергија и ентузијазам. Вие денеска, како учесници во интернационалниот проект, „Матурска парада“ ќе се поврзете со уште стотици и илјадници матуранти од повеќе европски градови и ќе се приклучите  на новата армија млади луѓе кои ги следат новите текови на прославување, но и на обединување. Симболично поврзувајќи се со матурантите од повеќе европски земји, преку музика, танц и дружење, Вие, матурантите од средните училишта на Град Скопје давате свој значаен придонес во една повисока заедничка цел- поставување нов Гинисов рекорд.  Се надеваме дека Вашиот пример ќе го следат идните генерации матуранти, кои ќе ја продолжат традицијата и ќе ја пренесуваат пораката за мир и толеранција во светот. Ви пожелувам среќа и успех во чекорењето на патот кон светот на возрасните, во освојувањето на придобивките од личната и заедничката слобода, во славењето на младоста и уживањето во животот- истакна  при отворањето на манифестацијата градоначалникот Трајановски.

mat_paradaaa (2)

Танцот квадрил годинава го одиграа матуранти од следниве средни училишта: СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, СУГС „Никола Карев“, СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Јосип Броз-Тито“, СУГС „Панче Арсовски“, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Цветан Димов“, СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СУГС „Васил Антевски-Дрен“,  СУГС „Арсени Јовков“, СУГС Марија Кири-Склодовска , СУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Владо Тасевски“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС„Димитар Влахов“, СУГС „Орце Николов“, СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Михајло Пупин“, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и Петта приватна гимназија.

mat_paradaaa (3)

Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје, односно градоначалникот Коце Трајановски. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Според информациите од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана оваа година најавено е учество на „Матурската парада“ од: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Во Република Македонија ќе учествуваат 800 матуранти од Скопје и 400 матуранти од Гевгелија и од Охрид.

Манифестацијата „Матурска парада“ се пријавува и во Гинисовата книга на рекорди.