Матурска парада по осми пат на Плоштадот Македонија

Околу 1.200 матуранти од Скопје на 23 мај (петок), точно напладне, на плоштадот „Македонија“ ќе бидат дел од традиционалната манифестација „Матурска парада 2014“ и ќе го одиграат танцот квадрил. Матурската парада годинава се одржува по осми пат, а кон своите врсници од Скопје ќе се придружат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.

Танцот квадрил годинава ќе го одиграат матуранти од следните средни училишта: СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС „Никола Карев“ , СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Јосип Броз Тито“, СУГС „Панче Арсовски“, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Цветан Димов“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Марија Кири Склодовска“, СГГУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Владо Тасевски“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Димитар Влахов„, СУГС „Орце Николов“, СУГС „Лазар Танев“, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, СУГС „Михајло Пупин“ и приватното средно училиште „Алгоритам“.

Организатори на годинешната Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје, односно градоначалникот Коце Трајановски. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Според информациите од танцовата школа „Уршка“ од Љубљана оваа година квадрил ќе играат матурантите од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Албанија и од Македонија.

Пред почетокот на танцот квадрил матурантите ќе положат заклетва за ненасилство и ќе испратат порака за толеранција.