четврток, 24 август 2017  |  Вести денес: 0

Maж каснат од шарка заврши во штипската болница

Последни вести

Во штипската Клиничка болница е хоспитализиран 68 годишен од Крива Паланка, кој бил овчар во пробиштипскиот регион, кој е каснат од змија шарка, пренесува МИА.

Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска вели дека пациентот е надвор од животна опасност, а лекарите од Инфективното одделение веднаш му го дале потребниот серум.

Како што појаснил 68 годишниот овчар, додека ги напасува овците почуствувал болка во еден од прстите. На лекарите им кажал дека бил каснат од змија, која народот ја знае како шарка.

Началникот на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип, Глорија Караѓозова вели дека серум против змиски отров имаат во доволни количини, но апелира покрај стерилизацијата на каснатото место, луѓето кои работат на отворено, а особено земјоделците и сточарите да бидат внимателни при извршувањето на своите земјоделски работи.

Во штипската Клиничка болница минатата година се хоспитализирани пет лица, меѓу кои и едно дете, кои биле каснати од змии.

Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Шуманска вели дека регистрирани се и случаи за остранување на крлежи.

– Околу триесетина пациенти од источниот регион досега, односно годинава  на Одделението за хирургија имаат побарано помош за отсранување на крлежи од нивното тело, вели Шуманска.

Лекарите апелираат да се внимава кога се излегува во природа, а земјоделците кои во моментов се подготвуваат за жетва да внимаваат во своите ниви, со цел да не ги касне змија или пак да не им се прикачи крлеж.

Најчитани вести