Крими хроника

Маж од кривопаланечко се обидел да ја убие сосетката со секира

Маж од кривопаланечко се обидел да ја убие сосетката со секира
Во текот на викендов, до Основното јавно обвинителство – Куманово беше поднесена кривична пријава од страна на полициската станица – Крива Паланка против седумдесет и две годишен жител на с. Луке.

По проучување на списите, надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомничениот сторил кривично дело Убиство, во обид.

Имено, на 12.8.2016 година во утринските часови, во атарот на с. Луке, осомничениот со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сосетка со која имал влошени односи околу доведувањето на вода во куќата на сега оштетената, преку неговиот имот. Откако дознал дека семејството на оштетената поставило црево вкопано во земја од неговата нива со кое доведува вода од извор, со секира го откопал истото и го исекол на повеќе места. По кратка расправија со оштетената, осомничениот замавнал со секирата при што и нанел тешка телесна повреда во пределот на главата.

Надлежен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд – Куманово, против осомничениот достави Предлог за определување на мерка – Притвор кој беше прифатен и на осомничениот со решение му е определен Притвор во траење од 30 дена.