Маж се бори за животот, откако момче удри во паркирани возила

Три лица се повредени, од кои едно се бори за живот по сообраќајна несреќа која околу полноќ се случила на крстосницата со улиците „Сава Ковачевиќ“ крак 1 и 11.

Од полицијата информираат дека 22-годишниот Б.Ј. од скопско Сопиште управувајќи автомобил „пежо“ удрил во три паркирани возила, „шкода“ паркирана од 30-годишниот Ј.Ј. од Кратово, „фолксваген бора“ паркиран од 55-годишниот Ј.Н. од скопско Стајковци и „фиат добло“ паркирано од непознат возач.

Со возило на Итна медицинска помош, возачот на „пежото“ бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“, а возачите на паркираните автомобили кои во моментот на несреќата биле во нив биле пренесени во блоницата „Свети Наум Охридски“.

Лекарските екипи кај Ј.Ј. констатирале тешки повреди и истиот се наоѓа во животна опасност, со фрактура на ребрата и напукната слезина.

Кај Б.Ј. од Сопиште и Ј.Н. од Стајковци констатирани се телесни повреди и истите се пуштени на домашно лекување по укажаната лекарска помош.

На местото на настанот полициски екипи извршиле увид.