Маж застрелан во Брисел по напад врз војници со мачета (ВИДЕО)

Маж е застрелан во петокот вечерта во центарот на белгиската престолнина Брисел откако со мачета нападнал двајца војници, соопшти бриселското обвинителство.

„Еден маж е застрелан во петокот вечерта во центарот на Брисел откако со мачета нападна двајца војници“, соопштија обвинителите на Брисел.

Мажот е во критична состојба, но сѐ уште е жив и се наоѓа во болница, се додава во соопштението. Војниците се полесно ранети во нападот, еден во лицето а другиот во раката.

„Врз основа на идентитетот засега знаеме дека станува збор за 30-годишен маж кој не е познат по терористички активности“, изјави портпаролката на обвинителството.

Според јавниот сервис RTBF, станува збор за 30-годишен доселеник од Сомалија, кој во моментот на нападот извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем), што посочува дека напаѓачот бил радикализиран муслиман.

Весникот Le Soir пишува дека инцидентот со случил во 21,15 часот во центарот на белгиската престолнина на булеварот „Емил Жекман“. Очевидци за весникот изјавиле дека слушнале истрели.

Покрај редовната полиција на улиците на Брисел патролираат и војници поради зголеменото ниво на безбедносна закана по нападите на исламските милитанти во Париз и во Брисел во 2015 и во 2016 година, за чии извршители се покажа дека главно се припадници на белгиска терористичка ќелија.

Во јуни војници застрелаа осомничен бомбаш самоубиец на централната железничка станица во Брисел, но немаше други жртви во овој случај кој белгиските власти го сметаат за терористички инцидент.