Мбапе и Нејмар за нов првенствен триумф на ПСЖ

Фудбалерите на актуелниот француски првак Пари Сен Жермен и во вториот настап во новата сезона остварија убедлива победа, откако во саботата на гостувањето кај Генган славеа со 3:1 (0:1) со два гола на Килиен Мбапе и еден на Нејмар.

Домашните, посебно во првото полувреме, се покажаа како цврста екипа и поведоа во 20 минута преку Руз, а во 27 минута судијата Турпен поништи погодок на Генган за 2:0, откако досуди фаул во напад на стрелецот Бензет, користејќи ја ВАР технологијата.

Во продолжението работите си дојдоа на свое место и следеше пресвртот на „Светците“, а негов зачетник беше Мбапе кој влезе во игра на почетокот до второто полувреме. Прво израмни од пенал во 53 минута Нејмар, од прекршокот досуден над него. Во завршницата Мбапе двапати ѝ побегна на домашната одбрана и со головите во 82 и 90 минута ги постави конечните 3:1.

Монако, пак, на домашен терен освои само бод одигрувајќи без голови против Лил. Ремизираа и Каен и Ница но постигнаа по гол. За домашните од пенал во 51 минута погоди Баму, а израмни во 82-та Ганаго.

Домашни победи остварија Дижон и Ренс. Првите го совладаа Нант со головите на Таварес во 8 и 74 минута, додека жртва на вторите беше Анже чија мрежа ја погоди Сар во 82 минута.

Гостинска победа во вториот дел, како и шампионот, во саботата постигна и Монпелје кај Амиен. Но гостите имаа водство од 2:0 до кое стигнаа со головите на Моје во 52 и Скири во 71-та, додека домашните намалија од пенал во 82 минута кој го резлизираше Конате.

Водечкиот ПСЖ, со гол-разлика 6:1, има шест бодови од две кола, како и второпласираниот Дижон и третопласираниот Ремс.

Во недела на распоредот се трите последни дуела од второто коло во кои се среќаваат Стразбур – Сен Етјен, во 15 часот, Тулуз – Бордо (17 часот) и Нимс – Марсеј, во 21 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.