„Медал за храброст“ за загинатите полициски службеници во Куманово, „Орден за воени заслуги“ за ЕБР и ЕСЗ

Иванов посмртно со „Медал за храброст“ ќе ги одликува осумтемина загинати припадници на безбедносните сили на МВР на 9 мај 2015 година, при антитерористичката операција во Куманово.

-Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при МВР се одликуваат со „Орден за воени заслуги“ за особени заслуги и за исклучителен придонес за зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурноста на македонските граѓани, стои во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ посмртно се одликуваат со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, загинати како припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи.