Медал за ректорот Стојковски во чест на 70-годишнината од победата над фашизмот

На ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски денеска амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак му врачи медал во чест на 70-години од победата над фашизмот и за неговиот голем личен придонес во празнувањето на овој датум и за антифашистичко воспитување на младината, пренесува МИА.

Настанот е во заедничка организација на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и УКИМ по повод одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот.

Амбасадорот Шчербак рече дека медалот го доделува Рускиот организациски одбор „Победа“ со кој претседава претседателот на Русија Владимир Путин.

Стојковски се заблагодари за медалот и истакна дека ова е негово второ големо признание од Руската Федерација после медалот „Пушкин“.

– Тоа е огромна чест како за мене така и за УКИМ особено тоа што медалот се доделува во знак на признание за нашето вложување во антифашистичкото воспитување на младите генерации. Треба со гордост да се сеќаваме на тоа што Македонија иако скромно, но тоа сепак за нашата татковина беше голем влог, го даде во борбата против антифашизмот и постојано да се потсетуваме на тоа што се случило за да знаеме да го чуваме и негуваме тоа што денес го имаме, рече Стојковски.

Беа емитувани инсерти од документарниот филм во 7 епизоди „Зошто ние се бориме“ снимен во 1943 година од американскиот режисер Френк Капра на барање на Министерството за одбрана на САД, а во ректоратот на УКИМ беше поставена изложба „Победата над нацизмот: како се постигна“.