Медиуми: Нервниот отров бил во багажот на Јулија Скрипал на лет од Москва

Нервниот отров наречени „новичок“ со кој е наводно затруен поранешниот двоен руско-британски шпион 66-годишниот Сергеј Скрипал во јужна Англија, бил подметнат во багажот на неговата 33-годишна ќерка Јулија пред да отпатува од Москва, пишува во петокот британскиот дневен весник The Telegraph повикувајќи се на неименувани извори.

Таткото и ќерката беа пронајдени во 4-ти март без свест на клупа пред трговски центар во јужниот англиски град Салисбери, и од тогаш во критична состојба во болница.

Јулија Скрипал пристигнала во Лондон од Русија на 3-ти март, според пишувањето на весникот кој се повикува на податоци на антитерористичката полиција.

Британската полиција сега ја насочила истрагата на тоа дали со отровот бил натопен некој дел од облеката или козметиката или во подарок кој бил отворен дури во домот на Скрипал во Сализбери, пишува The Telegraph.

Лондон тврди дека таткото и ќерката се затруени со нервен агенс, како и британскиот полицаец кој прв им дошол на помош. Смртоносниот нервен отров „новичок“ го развила уште советската војска пред речиси четири децении, и не е познато кој може да има резерви од него, бидејќи официјална Москва смета дека сите познати количества своевремено биле уништени.

Официјален Лондон ја обвинува Москва за труењето и најави низа санкции и протерување на 23 руски дипломати од амбасадата во Лондон, за коишто тврди дека се прикриени шпиони. Русија, исто така, најави возвртани мерки.

Велика Британија, САД, Германја и Франција заедно во четвртокот ја повикаа Русија да објасни како отровот е употребен на британска почва. Москва, пак, истакнува дека се’ уште не добила одговор од Лондон на официјалното барање да биде вклучена во соработка во истрагата во којашто според меѓународните прописи треба да добие примерок од отровот со кој наводно е извршен нападот за да може да спроведе истрага на нејзина територија.

Поради британското одбивање да постапи според досегашната меѓународна практика за вакви инциденти, Москва обвинува дека Лондон покренува нов бран антируска хистерија за да ги прикрие сопствените проблеми со процесот на истапување од Европската унија.

Во меѓувреме, дури и повеќе британски медиуми анализирајќи го инцидентот, го поставуваат прашањето дали во овој политчки момент на меѓународната сцена Русија би имала полза од труењето на Скрипал.

Во 2006 година воениот суд во Москва го осуди полковникот во резервниот состав на ГРУ, Сергеј Скрипал, на 13 години затвор. Во време на неговата служба во руските вооружени сили во средината на 1990-те години, тој бил врбуван од британското разузнавање MI6 до коешто доставувал информации кои носеле ознаки државна тајна.

Скрипал замина во Велика Британија откако беше помилуван од рускиот претседател и заедно со уште двајца осуденици за шпионажа разменет за десет руски државјани затворени во САД под обвинение за шпионажа.

Односите меѓу Лондон и Москва се затегнати од труењето на поранешниот агент на КГБ Александер Ливиниенко во Британија во 2006 година, за што британската истрага првично утврди дека „веројатно го одобрил“ рускиот претседател Владимир Путин, но овој случај сѐ уште е на суд.