Медиуми: Во ракетирање на училиште во ирачки Мосул убиен 81 цивил

Училиште западно од Мосул, вториот по големина ирачки град чиишто западни квартови уште се под контрола на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, било ракетирано во четвртокот, при што загинале 81 цивил, пренесува турската агенција Anadolu повикувајќи се на извори во ирачките безбедносни сили.

Нападот бил изведен врз училиштето во Ел-Вела, во западните предградија на Мосул, кои ги контролира Исламската држава. Меѓу загинатите 34 се мажи, 29 се жени и 18 се деца, прецизирал изворот на агенцијата.

Луѓето се засолнале во училиштето поради тековните борби меѓу ирачките сили и џихадитите. Засега нема точни информации за тоа која од страните во судирот го извела ракетирањето на училиштето.

Командант на ирачката специјална антитерористичка единица, капетанот Али ел-Нехадили, за агенцијата рекол дека бил изведен ракетен напад врз нивните позиции во соседната населба, од страна на Исламската држава.