Медиумите дознаа кого Обама ќе поддржи за иден претседател на САД

Поранешниот американски Барак Обама и неговите најблиски соработници веќе работат на промовирање на кандидатурата на поранешниот гувернер на сојузната држава Масачусетс, Девал Патрик за иден претседател на САД, пишува Politico

Патрик, кој е поранешен заменик државен обвинител на САД и потпретседател на „Coca-Cola Company“, во 2007 година тој стана првиот афроамериканец кој стана гувернер. Тој беше на оваа позиција во државата Масачусетс до 2015 година, а во моментов 60-годишниот Патрик е ангажиран во финансиската институција „Bain Capital“.

Според Politico, поранешниот демократски претседател Барак Обама во приватни разговори му предложил на Патрик „да размисли“ за номинација за кандидат на Демократската партија на претседателските избори во 2020 година. Поранешниот стратег на предизборниот штаб на Обама, познатиот политиколог Дејвид Акселрод неколкупати разговарал со поранешниот гувернер на истата тема. Еден од најблиските советници и пријател на Обама, Валери Џарет, исто така, изјавила за весникот дека „со сето срце го посакува“ учеството на Патрик на изборите. Меѓу поддржувачите на неговата номинација се вбројува и Дејви Симас, политички директор на Белата куќа во ерата на Обама и поранешен заменик на шефот на администрацијата на поранешниот гувернер на Масачусетс.

Притоа Politico укажува дека во „внатрешниот круг“ на Обама сѐ уште во мнозинство се оние коишто за демократската номинација во 2020 година го поддржуваат поранешниот потпретседател Џозеф Бајден, но засега нема сигнали дали тој би се кандидирал. Бајдан веќе се откажа од номинацијата во 2015 година, отворајќи ѝ го патот на поранешната прва дама и државен секретар на САД, Хилари Клинтон, која беше избрана за кандидат на Демократската партија, но која во ноември 2016 година неочекувано беше поразена од републиканскиот кандидат актуелниот претседател Доналд Трамп.

Самиот Патрик ги избегнува прашањата за неговата евентуална претседателска кандидатура. Тој за Politico само кусо изјави дека „би сакал да бидам корисен, бидејќи тоа навистина се однесува на целата земја“.