Медиумите јавуваат дека џихадистите ја преселуваат својата „престолнина“

Американската телевизиска мрежа Fox News, повикувајќи се на извори во Пентагон, пренесе дека ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава ја преселува својата ткн „престолнина“ од Рака во Деир-ез-Зор во Сирија.

Според информациите на телевизијата, последните два месеца американските војски во Сирија со помош на дронови го следеле бегството на „функционерите“ на Исламската држава во градот ал-Мејадин, на брегот од реката Еуфрат јужно од Деир-ез-Зор.

Во прилогот се посочува дека наскоро САД имаат намера да ги насочат борците на сириските Курди во офанзива врз Рака, неформаланата престолнина на„калифатот“ што го прогласи Исламската држава на териториите во Сирија и Ирак кои ги освои во ненадејната офанзива од летото 2014 година. Во Пентагон битката за овој град ја сметаат за неизбежна, но сметаат дека „владата“ на џихадистите повеќе не е таму.

Претходно сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави дека според него Вашингтон има намера да овозможи бунтовниците да го заземат Деир-ез-Зор и истоимената покраина, што ќе ѝ овозможи на Исламската држава да ги поткопа позициите на сириската армија.