Свет

Медведев побара итно испорака на гас и итна помош за Источна Украина

Медведев побара итно испорака на гас и итна помош за Источна Украина

Рускиот премиер Димитриј Медведев нареди на Министерството за енергетика и на компанијата „Газпром“ итно да изготват предлози за испорака на гас и друга хуманитарна помош за зоните на конфликтот во Источна Украина, каде се јави тешка ситуација, откако вчера украинските власти целосно ги исклучија т.н. Доњецка и Луганска република од испорака на гас, јави ТАСС.

На седницата на руската Влада во Москва, Медведев рече дека „луѓето во повеќе населени пунктови во Источна Украина гладуваат, вклучувајќи го и Дебалцево“. – Во прво време треба да им се достави храна и лекови, рече тој.

Руското Министерство за вонредни состојби објави утрово дека ќе испрати дополнителен конвој со хуманитарна помош специјално за Дебалцево и други населени пунктови, каде ситуацијата е најтешка и недостигаат елементарни стоки.

ДНР веќе успеа да премине на руски гас, изјави претходно лидерот на парламентот во Доњецк Андреј Пуригин. Тоа се случило преку вклучување кон други гасни магистрали во текот на изминатата ноќ.

– Резервите од природен гас на Луганската народна република ќе стигнат само до 15 часот денеска, изјави премиерот на самопрогласената република Генадиј Ципкалов. – Денеска разработувавме варијанти за испорака на гас и преговараме со украинската страна и со други страни, рече тој.