Меѓаши: Дескоска да го истражи претепувањето на ученичка во Неготино

Од организацијата прва детска амбасада Меѓаши излегоа со реакција за претепувањето на ученичка во основно училиште „Гоце Делчев“ во Неготино за што бараат целосна истрага од министерката за образование Рената Дескоска Треневска и мерки вакви случаи да не се повторат.

Повторно и по којзнае кој пат сме сведоци на уште една агресија врз децата во рамки на образовна институција. Во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино две ученички брутално тепале и влечеле за коса една нивна соученичка и тоа во присуство на други деца кои набљудувале и соучествувале. Не се важни причините за овој брутален чин, но застрашува фактот на неконтролирана агресија од страна на децата врз свои соученици, што е резултат пред се на затајување на воспитанието во семејството а веднаш потоа и затајување на воспитно образовниот процес во училиштето.

Ова покажува дека не само ранливите категории деца се изложени на опасности туку и децата во училиштата. Очекуваме Министерството за образование и наука т.е. министерката Рената Десковска да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилствотo и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и училишниот двор. Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата.

Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.Ги повикуваме службите во МОН да ги ревидираат застарените правилници за регулирање на поведението на учениците и да разработат мерки за интеревнција при инциденти на насилство во училиштата.

Исто така сметаме дека државата треба да работи на отворање на центри во кои ќе се работи и со децата жртви, но и со децата насилници, бидејќи на семејствата чии деца се вклучени во вакви инциденти им треба психосоцијална помош и друга поддршка.

Детската амбасада Меѓаши повикува на поголема одговорност на родителите и нивна активна улога во превенција на меѓуврсничкото насилство за да не се случи најлошото! Воедно ги повикуваме Државниот просветен инспекторат и МВР да го утврдат степенот на одговорност, со казни за сите сторители и соучесници“ велат од Меѓаши.

Како што НетПрес денеска ексклузивно објави, во ООУ „Гоце Делчев“ во Неготино, девојчиња брутално физички малтретираат и претепуваат своја соученичка и тоа пред други ученици, кои ја набљудуваат ситуацијата како дел од некоја претстава…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.