Меѓаши го одбележува 23. роденден

Првата детска aмбасада во светот – Меѓаши, чие мото е „Сите идеали на светот се побеззначајни од солзите на едно дете“, денеска одбележува 23 години од постоењето.

Првата детска амбасада во светот-Меѓаши е граѓанска организација која ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит на детската личност.

Клучни вредности и принципи во работењето на Меѓаши се партиципација (учество, вклученост) на децата и возрасните во процесите на одлучување за прашања кои се од нивен интерес, волонтерски пристап во заштитата на правата на децата, промовирање и практикување на мир и толеранција преку почитување на ставовите и однесувањата на другите, еднакви можности за сите во остварувањето и почитувањето на нивните права, отчетност, одговорност и непартизираност во работењето на организацијата.

Детската амбасада Меѓаши дејствува на меѓународно, регионално, национално и локално ниво. Согласно со Статутот на организацијата, можат да членуваат индивидуални и колективни членови.