Меѓународен ден на девојчето

Обединетите нации денеска го одбележуваат Меѓународниот ден на девојчето. Целта е да се промовираат човековите права на девојчињата и на девојките, да се крене свеста за родовите нееднаквости кои сеуште постојат и да се истакне потребата од справување со различните форми на дискриминација и злоупотреба на девојчињата и на девојките низ целиот свет.

Глобалната тема за оваа година е „Зајакнување на девојчињата во период на адолесценција: Елиминирање на кругот на насилство“.

Според глобалните податоци, две од три девојчиња во период на адолесценција на возраст помеѓу 10 и 14 години се редовно жртви на физичко казнување. Исто така, постојат перцепции дека насилството, особено насилството врз девојките, е прифатливо. Скоро половина од девојките на возраст помеѓу 15 и 19 години сметаат дека е во ред мажот да ја тепа жената или партнерката доколку таа одбива да има сексуален однос со него, или излезе од дома без негова дозвола, се расправа, ги запоставува децата или ја изгори вечерата.

Во пораката по повод овој меѓународен ден, Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун ги повикува сите влади, меѓународни организации, невладини организации, медиумите и граѓаните од целиот свет да ја кренат свеста и да ги зголемат политичката волја и ресурси за превенција и елиминирање на насилство против жени и девојки.

– По повод овој Меѓународен ден на девојчето, ги повикувам сите влади да преземат мерки за да ги елиминираат сите видови насилство против девојките во сите делови од светот. Заедно, мора да создадеме свет во кој насилството против жените и девојките никогаш нема да се толерира и во кој што девојките се секогаш охрабрени за да го достигнат својот полн потенцијал, посочува Бан Ки Мун.

Во Македонија, според соопштението от УНДП, секое второ девојче на возраст помеѓу 2 и 14 години е физички казнувано во домот.

– Иако насилството е помалку прифатено отколку што е тоа случај на глобално ниво, сепак 14 проценти од девојките на возраст помеѓу 15 и 19 години сметаат дека постои оправдување за мажот кој ја тепа жената или партнерката во одредени ситуации. Ваквите бројки укажуваат дека сеуште се толерира насилството. Кога девојчињата во период на адолесценција се постојано физички казнувани од родителите, имаат тенденција и полесно да прифатат и толерираат физичка агресија од страна на партнерите. Постигнат е напредок во забранување на насилството против децата во сите средини, но сепак треба уште да се работи девојчињата да се да се здобијат со животни вештини, да се промени начинот на кој децата се воспитуваат во самото семејство, како и да се менуваат ставовите и нормите во однос на толерирање на насилство, се посочува во соопштението од УНДП.