Меѓународна конференција за платни системи во Охрид

На Осмата меѓународна конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност, што ќе се одржи од денеска до 13 мај во Охрид главна тема ќе бидат предизвиците и можностите кои што произлегуваат од дигитализацијата на платежните текови.

Конференцијата ја организира Народната банка на Република Македонија во соработка со централните банки на Холандија и Португалија.

Учесниците на конференцијата ќе се осврнат на интегративните процеси во сферата на плаќањата во ЕУ и тековниот развој на проектот за Единствената европска платежна област – СЕПА, трендовите кај системите за порамнување хартии од вредност, а особено реализацијата на проектот „ТАРГЕТ 2 за хартии од вредност“, како и финансиската вклученост и достапност на платежните услуги до физичките и правните лица.

На конференцијата е најавено учество на претставници од централни банки на Албанија, Белорусија, Бугарија, Египет, Ерменија, Косово, Полска, Словачка, Турција, Хрватска и Црна Гора, институцијата УНКТАД за трговија и развој при Обединетите нации со седиште во Швајцарија, финансиските институции „Комерцбанк“ (Commerzbank) од Германија и „Акјуити“ (Accuity) од Велика Британија, како и претставници од деловни банки, регулаторите на инфраструктурата на финансиските пазари и останатите финансиски и нефинансиски институции во Република Македонија.