Меѓународна потерница за српски пратеник

Интерпол издаде меѓународна потерница за апсење на српскиот пратеник Момир Стојановиќ од владејачката Српска напредна партија, под обвиненија за воени злосторства против цивилното население во Косово.
Стојановиќ, кој е претседател на парламентарната комисија за контрола на безбедносните служби, изјави за Танјуг, дека очекува државата да го заштити. Стојановиќ смета дека наредбата за апсење е поврзана со одлуката на ОН да формира Специјален суд за воени злосторства на Армијата за ослободување на Косово, во одговор на што судот во косовскиот град Ѓаковица формирал кривична постапка против 17 косовски Срби, меѓу кои и против него.

Пратеникот смета дека ќе бидат покренати уште такви обвиненија во различни косовски градови со цел да се „намали ефектот“ од формирање на Специјален суд.

Стојановиќ истакна дека е горд со тоа што го сторил и дека нема намера да се брани, додавајќи дека во 1993-1996 година бил заменик началник, а од 1999 година началник за безбедност на Приштинскиот корпус.