Свет

Меѓународната Бригада против дрога уапси 1.300 дилери

Меѓународната Бригада против дрога уапси 1.300 дилери

Меѓународната Бригада за борба против производители и дилери на дрога, составена од полицајци од Тајланд, Лаос, Кина и Мјанмар денеска соопшти дека во подрачјето на „Златниот триаголник“ во областа на реката Меконг уапсила 1.289 производители и дилери на дрога и запленила големи количества наркотици.

Од 12 јануари до 18 февруари биле запленети се речиси 10 милиони таблети амфетамин, 440 килограми синтетичка „ајс“ мешавина, 180 килограми хероин и 50 килограми течен опиум.

Ова е втора, но многу поуспешна акција на Бригадата за борба против дрогата што лани ја формираа Тајланд, Кина, Лаос и Мјанмар, а ја координираат специјалци од Тајланд. Припадниците на оваа Бригада имаат дозволи да дејствуваат и вон границите на нивните држави, а опремени се со современи средства за комуникација.

По Авганистан, подрачјето на реката Меконг е втор по големина регион за производство на наркотици. Познат во светот како „Златен триаголник“ овој регион од почетокот на овој век е и еден од најголемите производители на синтетички дроги. Наркобосовите од Лаос и Мјанмар, но и нивните колеги од Кина за да си ја обезбедат сопствената слобода се и значајни чинители во политиката во регионот.