Меѓународниот ден на студентите одбележан со марш против екстерно тестирање

Меѓународниот ден на студентите денеска беше одбележан со студентски марш во Скопје под мотото „Заедно против екстерното тестирање на факултетите“, организиран од „Студентски пленум“.

Студентите кои учествуваа во маршот тргнаа од платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, продолжија кон просториите на Студентскиот парламент, до зградата на Владата и до Министерството за образование и наука.

Според организаторите, целта на протестот е поттикнување на студентскиот активизам и обединување на студентите против најавената реформа во високото образование за надворешна проверка на знаењето на студентите.

– Сметаме дека одбраната на студентските права не е само потреба, туку е и обврска на секој студент. Студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени во него, повика „Студентски пленум“.