Меѓународниот трибунал единствен виновник за враќањето на Шешељ

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека оние кои предлагаат декларација на Европскиот Парламент заради пуштањето на слобода на обвинетиот за воени злосторства Воислав Шешељ, својот гнев треба да го насочат против Меѓународниот трибунал, а не против Србија.

Србија нема „ниту милиметар одговорност“ за Воислав Шешељ, туку за неговото привремено ослободување исклучиво е виновен трибуналот во Хаг, рече српскиот министер за надворешни работи, коментирајќи ја иницијативата на хрватските европратеници во Европскиот Парламент да се донесе резолуција со која ќе се осудат провокативните изјави на Шешељ по неговото враќање во Србија.

Дачиќ подвлече дека Србија не сноси одговорност за изјавите на Шешељ, дека неговата Српска радикална партија нема никакво влијание врз српската политичка сцена и дека трибуналот дозволил да се дојде до таквата ситуација.

-Тоа е уште еден доказ дека Хашкиот суд треба да се затвори, рече Дачиќ, запрашан на кого денес му служи трибиналот и зошто уште постои.

Министерот изјави дека Меѓународниот трибунал „не бил во состојба“ да го заврши судскиот процес против Шешељ и затоа е подобро резолуцијата да се однесува на затворањето на судот, што и онака веќе предолго постои.