Меѓу апсените за убиството на Реџепи и Албанец од Елбасан

Полицијата поднесе кривични пријави против 12 лица вмешани во престрелката и убиството на Наим Реџепи во четвртокот во тетовска Мала Речица, соопшти МВР. Меѓу уапсените има и албански државјанин, а полицијата трага по лице од кумановско Опае.

Поради постоење основано сомнение за сторено кривично делоубиство и соизвршителство во вршењето на тоа дело, како и две кривични дела убиство во обид, до ОЈО Тетово кривично пријавени се лицата: М.Н. (40), М.Х. (34), М.Ф. (23), М.Б. (21), М.И. (21), М.М. (24) сите од село Черкези, Кумановско, потоа Р.С. (42), К.Х. (42), Р.Б. (41) тројцата од Куманово, како и Р.Д. (44) од Черкези, Љ.Б. (40) од Елбасан, Р.Албанија и Д.Ф. (22) од село липковското село Опае. Десетмина од пријавените се предадени на Судија на претходна постапка кој што, пак, на сите дванаесетмина  веќе им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена, велат од МВР.

Полицијата  трага по лицето Д.Ф., додека лицето М.Ф. поради здобиените тешки телесни повреди е задржано на болничко лекување. Истовремено против лицата Р.Б. и Љ.Б. е поднесена и кривична пријава за сомнение за сторено кривично дело недозволено изработување и држење на огнено оружје и распрскувачки материи.

Крвавиот инцидент се случил околу 18.30 часот, во близина на седиштето на ДУИ во Мала Речица, кога се случила престрелка помеѓу две групи кои биле со неколку автомобили. При тоа на самото место загина Реџепи, а  М.Ф. , кој  поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје,како и Р.С. (42) беа ранети.

Во рамки на оперативните активности во едно од пронајдените возила непосредно по настанот, кога се приведени двајца од 12 осомничени, пронајдени се и два пиштоли и тоа марка “Валтер П99“ со калибар  9 милиметри, како и пиштол марка „Брауинг“ со ист калибар , кои биле употребени во престрелката во Мала Речица. По наредба на јавен обвинител, извршени се претреси на 12 локации на СВР Куманово, велат од МВР.

 

Реџепи бил осуден за финансиски криминал, во кој учествувал заедно со уште еден познат кумановски бизнисмен, но благодарение на Законот за амнестија кој го донесе владејачкото мнозинство, пред два месеци, тој заедно со уште неколку илјади други лица беа ослободени од одлежување на казната, пишува порталот „Инфомакс“. Тој бил дел од општинскиот огранок на ДУИ во Куманово, каде заедно со Фатмир Идризи и Фериз Дервиши работеле на преземање на раководството со општинскиот огранок на партијата.

Од ДУИ веднаш се оградија од инцидентот.