Меѓународен фолклорен фестивал Гази Баба 2017

Во рамките на Културно Лето „Гази Баба 2017“ се одржа осмиот меѓународен фолклорен фестивал Гази Баба.

На концертот учествуваа фолклорни друштва од Македонија, Полска, Турција, Австралија, Полска, Србија, Романија како и домаќинот – Ансамблот за народни песни и игри „Јонче Христовски“.

Фестивалот беше организиран од општина Гази Баба во соработка со Ансамблот за народни песни и игри „Јонче Христовски“, а поддржан од Министерството за култура на Македонија и секоја година прераснува во фестивал посакуван за учество од културно уметнички друштва од Европа и светот.

Фестивалските вечери се одржаа пред голем број посетители на неколку локации во Гази Баба: плоштадот во Автокоманда, во дворот на ОУ„Наум Охридски“ во селото Булачани и во населбата Железарница во дворот на ОУ „Григор Прличев“.

Фолклорните друштва се претставија со песни и игри, претставувајќи дел од фолклорот и традицијата на своите земји.

На дел од програмата присуствуваше градоначалникот Тони Трајковски заедно со градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.

Градоначалникот Трајковски ги поздрави присутните учесници , како и гостите кои го следеа концертот.  Фолклорните друштва со своите изведби, музика и прекрасните носии од своите држави ја одушевија присутната публика.