Меѓународниот натпревар за студенти по правни науки, наречен Биг Дил (Big Deal) оваа година ќе се одржи во Македонија, во два дена и во две натпреварувачки сесии, кон крајот на оваа недела. Натпреварот на студентски тимови по право е во организација на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва – TLA – Top Tier Legal Adriatic, а домаќин во нашата земја е првото Адвокатско друштво кај нас, Дебарлиев, Дамески, Ќелешоска – ДДК. Биг Дил е настан од компетитивен карактер, каде што преку практичен пример студентски тимови ќе можат да креираат решенија за реални ситуации од деловниот свет, а ќе бидат оценувани од страна на ментори, професори по право и правни експерти.
Годинава, на скопскиот Биг Дил настан ќе учествуваат вкупно шест тимови од студенти од правните факултети од Македонија, Србија, Хрватска и од Словенија, односно, два тима од Скопје, еден тим од Белград, еден тим од Крагуевац и по еден тим од Загреб и од Љубљана. Натпреварувачкиот дел ќе одржи, во просториите на Адвокатското друштво ДДК, во Скопје, во четврток и петок, на 24 и 25 ноември. Победничкиот тим добива тримесечна работна пракса во некоја од канцелариите на членки на TLA.
Кооперативноста помеѓу адвокатурата, како претставник на практичниот дел на правото, и правната едукација во примената на правото понудена од врвни адвокати, од една страна, и експертските теоретски знаења и вештини од правото дадени од страна на професори од Правниот факултет, од друга страна, нудат голем степен на напредок во знаењето на еден млад правник. Oвој натпревар е само еден од начините на кои што може да се доближи адвокатурата до студентите и до младите правници кои што располагаат со високи теоретски познавања, но на кои во тој период им е потребна и дополнителна стручност и искуство во спроведувањето на правото, вели Емилија Ќелешоска Шољаковска, партнер во Адвокатското друштво ДДК.
Практичната едукација, низ работниот предизвик, ја вршат ментори, професори од Правните факултети и адвокати од адвокатските друштва во регионот кои се членки на TLA, од земјите од каде што доаѓаат тимовите. Преку натпреварувачкиот дел, студентите ќе имаат можност да ги збогатат и да ги презентираат своите знаења од повеќе области на правото, при што ќе се оценува квалитетот на понудените правни решенија. Студентите работат на правната анализа како тим, во соработка со своите ментори.