Меѓународен саем на мебел од 21 до 26 март

Со почетокот на пролетта традиционално се отвора Саемот на мебел кој ги нуди најоригиналните дизајни за уредување на домот и овозможува посетителите да бидат во тек со светските трендови за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво кои заслужуваат целосно внимание.

43-от Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – МЕБЕЛ 2017 започнува на 21-ви и ќе трае до 26-ти март.

Саемот на мебел е една од најатрактивните манифестации во Македонија и пошироко поради оригиналноста на декорираните простори и понудата на  мебел по сечиј вкус. Над 50.000 посетители секоја година ги минуваат штандовите за МЕБЕЛ, а учество ќе земат повеќе од 400 домашни и странски изложувачи. Има учесници од Србија, Хрватска, Грција, Италија, Босна и Херцеговина  и Словенија.

За време на МЕБЕЛ 2017 учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови. Исто така, и самите изложувачи ќе имаат свои изненадувања и поволности за посетителите како дел од своите понуди.

Веќе две години по ред изложбениот простор опфаќа 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, како и една хала наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.

Овогодинешниот Саем за мебел ќе им понуди интересен шопинг предизвик на посетителите кои за да учествуваат во истиот ќе мора да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и истото да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот #МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.

Доделувањето на ваучерите е на ден 26.03.2017 во 16,00 часот.

Исто така, традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци. Стручната комисија е составена од претставници од Архитектонски факултет, Факултетот за дизајн и технологија на мебел, Асоцијација на архитекти, Кластерот на дрвна индустрија и од Министерство за економија на Македонија.

Доделувањето е на ден 23.03.2017 година, во 20,00 часот во Управната зграда на саемот.

Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари.