Почна шестата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

Повеќе од 30 уметници од Македонија, Србија, Грција, Египет, Мексико, Монголија, Полска, Франција, Бугарија, Словенија, Романија,Турција и Италија од денеска до 10 јули ќе творат на шестата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, објави МИА.

Уметниците наредните две недели ќе имаат можност да сликаат инспирирани од убавините на Вевчани, Вевчанските извори, познатата вевчанска архитектура… во комплекост Виа Игнација, но и на други локации во околината.

На отворањето синоќа на Колонијата, чиј организатори се сопствениците на ресторанот „Виа Игнација, присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.

Организаторот на колонијата ги поздрави учесниците, посочувајќи дека организирањето на шестата ликовна колонија претставува лична сатисфакција, бидејќи шест години по ред се организира културна манифестација во време кога секојдневните грижи се повеќе го окупираат вниманието на човекот и се помалку време има за уметноста.

Живописното Вевчани, според Мишо Китаноски, од денеска ќе биде центарот на ликовнотпо творештво во Република Македонија, со сликари од повеќе држави.

– И на претходните колонии доаѓаа сликари од разни страни и држави, од кои некои и годинава се присутни тука, а нивниот влог е значаен и голем, остварен низ бројните слики, ликовни дела за нашата сегашност и иднина. Нивното присуство во Вевчани, за нас е духовно богатство и квалитет кој се изразува во концентрични кругови во Македонија и пошироко, рече Китаноски.

Организаторот на колонијата, посочи тој, ја видел иднината и се впуштил да делува и да шири ликовна убавина и култура. – Овде во „Виа Игнација“ од денеска до 10 јули, бојата и четката ќе го бакнуваат платното, и во таа вечна и вековита љубов ќе се раѓат нови уметнички дела на нашите учесници, сликари, за сите ние да бидеме побогати во нашиот духовен свет, нагласи Китановски.

Македонскиот уметник Петар Попчев, учесник на сите досегашни колонии, во името на останатите учесници оцени дека убавината на Вевчани не е во изворите и во љубезноста на луѓето, туку во нивната гордост.

– Сите можеме да ја видиме убавината, но гордоста на вевчанци е малку скриена. Они се скромни луѓе, но кога ќе те засакаат бидете сигурни дека сте нивни, подвлече Попчев, додавајќи дека Вевчанската колонија е најдобра во Европа и светот.

Познатиот словенечки сликар, Петелин Анже рече дека е прв пат во Вевчани, сеуште незнае што ќе слика во наредните денови, но најголема инспирација во неговите дела биле жените.

– За Вевчани слушав од пријатели од Словенија, кои ми рекоа дка мора да го видам  и сега сум тука. Незнам што ќе сликам, но најголема инспирација ми се жените, рече Анже.

На Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите години учествувале голем број еминентни ликовни уметници, како од земјава, така и пошироко, Албанија, Египет, Франција,… Секоја година се организираат неколку изложби низ државата, но и надвор од неа со дела од Вевчанската колонија. Досега ппретставувани се во Скопје, Кавадарци, Подгорица, Софија.