Меѓународна конференција „Договорот за сукцесија на СФРЈ – 15 години подоцна“ во Љубљана

Меѓународната конференција насловена „Договорот за сукцесија на СФРЈ – 15 години подоцна“ ќе се одржи на 7-ми јуни во Љубљана, Република Словенија.

Конференцијата ја организираат Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Парламентот на Република Словенија и високата претставничка за наследство на Република Словенија.

Државите наследнички на распаднатата СФРЈ: Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Сојузна Република Југославија (денес Србија) на 29 јуни 2001 година во виенската палата Хофбург го потпишаа Договорот за  прашањата околу наследството на СФРЈ.

Политичкото значење на Договорот е неспорно, бидејќи го потврдува распаѓањето на СФРЈ и ја признава еднаквоста на петте држави наследнички. Договорот е единствен мултилатерален правен акт склучен помеѓу сите држави наследнички, кој ги уредува нерешените содржински и правни прашања поврзани со распадот на Југославија, а кои некои дури го именуваат и „мировен договор“.

Целосната имплементација на Договорот е темел за стабилни, долгорочни и пријателски односи меѓу државите наследнички.

На меѓународната конференција, словенечките и меѓународните стручњаци ќе расправаат за историските, правните и актуелните политички погледи на Договорот, неговото спроведување и реализираните резултати. Тие ќе ги претстават и своите погледи на десетгодишните преговори, кои се водеа до потпишувањето на Договорот, како и на петнаесетгодишниот период од потпишувањето до денес и на значењето на Договорот за иднината.

На конференцијата, на покана на словенечката висока претставничка за наследство д-р Ана Полак Петрич, ќе учествуваат и високите претставници за наследство на Босна и Херцеговина г-н Мирсад Жуга, на Хрватска г-ѓа Андреја Метелко-Згомбиќ, на Македонија г-ѓа Елена Кузмановска и на Србија проф. д-р Родољуб Етински.

Предвидени се билатерални состаноци на маргините на меѓународната конференција на кои што ќе се расправа за методите на работа и за координацијата на идните активности со цел да се забрза процесот на спроведување на одредбите од Договорот.