Меѓународна осуда за Израел, светот се плаши од нов масакр

Израел се соочува со меѓународна осуда откако вчера на граничната ограда меѓу Израел и појасот Газа за време на протестите против отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим загинаа најмалку 58, а беа повредени околу 2.700 луѓе. Од друга страна, Бенјамин Нетанјаху го обвинува Хамас за жртвите и вели дека Израел е должен да ги “брани своите граници”.

За денеска во седиштето на ОН е закажана седница за безбедност во врска со случувањата во Газа, а се очекува протестите да ескалираат денеска на 70-годишнината од формирањето на израелската држава, на т.н. „Големиот марш на враќањето”. Палестинците денеска прво ќе ги погребаат загинатите, а потоа со протест ќе го одбележат „Накба“ или катастрофата кога во 1948 година над 700.000 Палестинци беа протерани од своите домови.

Илјадници Палестинци се собраа вчера на неколку контролни пунктови околу границата. Групите демонстранти се обидоа да се доближат до границата, фрлајќи камења врз израелските војници, кои отворија оган врз Палестинците.

Шефот на ОН за човекови права, Раад Зеид ал Хусеин, го осуди „шокантното убиство на десетици луѓе“ велејќи дека „одговорните“ за кршење на човековите права мора да бидат казнети.”

Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган ги опиша потезите на Израел како „геноцид“. Јужна Африка, исто како и Турција го отповика својот амбасадор во знак на протест против „насилната агресија извршена од страна на израелските вооружени сили“.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон во телефонски разговор со палестинскиот претседател Махмуд Абас и јорданскиот крал Абдулах Втори го осуди насилството на израелските вооружени сили против протестантите.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху се приклучи на САД во осудата на Хамас за смртта на Палестинците и застана во одбрана на својата земја поради употребата на сила, велејќи дека „секоја земја има обврска да ги брани своите граници“.

Како што пренесоа светските медиуми, едно палестински бебе почина по вдишувањето солзавец за време на судирите на палестинските демонстранти и израелски војници, но не е колку бебето и нејзиното семејство биле оддалечени од местото на конфликтот.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи седница на која ќе разговара за настаните во појасот Газа и Израел. Седницата прво беше побарана од Кувајт, додека палестинскиот претставник во ОН побара од Советот за безбедност да го осуди убиството на Палестинците.

Од друга страна, пак, израелскиот претставник во ОН побара од Советот за безбедност да го осуди Хамас, кој ги предводеше протестите против отворањето на новата американска амбасада во Ерусалим и под чија контрола е појасот Газа.

Германската влада изрази загриженост поради извештаите дека израелските војници убиле десетици Палестинци кои улествувале во масовните протести, повикувајќи го Израел да се воздржи од употреба на муниција, освен како последно средство.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.