Свет

Меѓународниот извештај не го именува отровот со кој биле отруени Скипал, ниту неговото потекло

Меѓународниот извештај не го именува отровот со кој биле отруени Скипал, ниту неговото потекло
© AFP 2018 / Ben Stansall

Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) ги потврди наодите на британските иследници дека поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија биле отруени со нервен агенс, но не можеле да го утврдат неговото потекло , пренесе во четвртокот агенцијата Associated Press.

Истовремено британската телевизија Sky News, осврнивајќи се на наодите на OPCW, наведе дека оваа супстанција се одликувала со „висок степен на чистота“.

Во извештајот што организацијата го објави се потврдуваат податоците на Велика Британија за суспстанцијата којашто била користена на 4-ти март во јужниот англиски град Солсбери. Меѓутоа, документот составен на две страници со 12 точки не содржи никакви информации за потеклото на оваа супстанција.

Претставници на мисијата во Организацијата за забрана на хемиското оружје на Русија, којашто Лондон ја обвини за нападот, соопштија дека „во секој случај“ ќе биде „потребно време“ за проучување на извештајот. Руската страна засега се воздржува од коментарите за докуметот на OPCW.

За резултатите од анализите дадени во извештајот ќе биде дискутирано следната среда на вонредната седница на OPCW, којашто ќе биде свикана на британско барање.

Британската премиерка Тереза Меј на 12-ти март рече дека 66-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија биле отруени во воен нервен отров кој го нарече „новичок“ кој наводно Советскиот сојуз го развил во 1970 и 1980-те години.

Русија, пак, објави дека името „новичок“ е дадено за да асоцира на „руско“, но дека станува збор за агенс познат како А-234, кој го развивале и Велика Британија, Шведска, Чешка и Словачка, како и САД каде што со децении живее еден од руските хемиски научници кои работеле на вакви супстанции.

Во извештајот на OPCW, чиишто експерти наводно самите земале примероци за анализа од Солсбери на британско барање, не се обвинува никој за овој напад, ниту е точно именуван отровот за кој станува збор.

Рускиот амбасадор во Лондон, Александар Јаковенко, го идентификуваше наводниот отров како А-234, кој е развиен од претходната верзија на агенсот А-232 во повеќе држави.

Инаку постојат неколку варијанти од агенсот ткн „новичок“, кој се состои од две помалку токсични хемикалии кои во комбинација даваат отров кој е неколку пати посмртонесен од саринот или од VX.

„Резултатите од анализите на лабораториите на OPCW на примероци од околината и биомедицинските примероци кои ги собра тимот на организацијата ги потврдуваат заклучоците на Обединетото Кралство кои се однесуваат на видот на токсичната хемикалија употребена Солсбери и која тешко повреди три лица“, се наведуваа извештајот.

Јулија Скрипал дојде при свест пред речиси две седмици, отпуштена беше од болницата во Солсбери и според британските медиуми сега е на набљудување заштитена во воена база. Сергеј Скрипал, пак, на почетокот од семицава дошол при свест и може да комуницира. Полицаецот кој ги нашол Скрипал на клупа пред трговски центар, исто така, покажувал симптоми на затруеност но беше набрзо отпуштен.

Тестирањата, исто така, покажале дека супстанцијата била со „висока чистота“, што го потврдува британското тврдење дека е вмешана некоја држава, пишува Reuters.