Меѓународните претставници не го поддржуват Заев во намерата за бојкот на изборите

Меѓународните претставници не го поддржуваат опозицискиот лидер Зоран Заев во намерата да ги бојкотира изборите кои ќе се одржат на 5-ти јуни, пишува „Курир“.

Порталот потсетува дека специјалниот известувач за Македонија Иво Вајгл, високата претставничка на Европската комисија (ЕК) за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини и претставниците на ЕУ и САД во земјава побараа посветеност за исполнување на договорот од Пржино.

Вајгл: Одлуката за бојкот удар за стабилноста и европската иднина на Македонија

Одлуката на македонската водечка опозициона партија СДСМ да не учествува на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни може да претставува сериозен удар не само на процесот на демократизација на земјата, но и на нејзината стабилност и Европска однина во целина, вели европратеникот и специјален известувач за Македонија, Иво Вајгл.

Тој смета дека обвиненијата за неправилности, недостигот на транспарентот и одложувањето на имплементирањето на Договорот од Пржино треба сериозно да се разгледаат. Европратеникот сепак додава дека не е доцна за да се создадат услови, кои ќе овозможат сите да учествуваат на изборите закажани за 5 јуни.

Без разлика, се уште има доволно време за да се имплементираат некои од важните реформи и мерки со цел да се исполнат барањата на сите учесници во изборниот процес и за да се однесе земјата во понапредно ниво на демократија, рече Вајгл.

Специјалниот известувач оцени дека последните настани во земјата сериозно ја загрозуваат евроатлантската иднина.

Европската комисија и Европскиот парламент, заедно со претставниците на САД вложија големи напори за да осигураат дека претстојните избори ќе и дадат шанса на земјата за нов почеток на патот кон евроатлантските интеграции. Оваа шанса сега може да биде пропуштена поради недостиг на волја, одговорност и подготвеност да се направи компромис во интерес на државата, заклучува Вајгл.

Могерини: Партиите да работат заедно за обезбедување кредибилни избори

Високата претставничка на Европската комисија (ЕК) за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини по телефонскиот разговор со лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека политичките партии мора да работат заедно за да обезбедат кредибилни избори во интерес на граѓаните и земјата.

Во овој поглед, имплементацијата на политичките договори, вклучувајќи ги итните реформски приоритети, е од огромно значење. Заедно со САД, колективно ги поддржуваме сите партии и актери во овие напори и ќе продолжиме тоа да го правиме во наредниот важен период. Ги повикуваме сите партии да останат целосно посветени на договорениот процес“, порача Могерини.

Орав и Бејли: Политичките лидери да го спроведат договорот од Пржино

Амбасадорите на ЕУ и САД, Орав и Бејли во заедничка изјава порачаа дека политичките лидери имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на Евро-атлантскиот пат со спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети. Ги повикаа политичките лидери во Македонија да го спроведат потпишаното и да обезбедат услови за кредибилни избори. Порачуваат да не се пропушти оваа можност за избори, како онаа на 6-ти април.

ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, и обезбедување на фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен, но останува уште многу работа. ЕУ и САД ќе продолжат да го поддржуваат демократскиот развој на Македонија, што вклучува и избори. Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел, велат Орав и Бејли.