Меј е за амбициозни преговори за Брегзит, ЕУ сака повеќе поединости

Велика Британија во следните седмици би сакала да зацрта „амбициозни планови“ за преговорите за нејзиното истапување од членството во Европската унија, изјави во четвртокот британската премиерка Тереза Меј на самитот на челниците на ЕУ, но нејзините колеги очекуваат повеќе поединости и уште еднаш укажаа на недостиг од напредок во преговорите за раздружувањето, пренесуваат агенциите.

Лондон бара согласност од 27-те членки на Европската унија да започнат преговорите за идните односи меѓу двете страни по излегувањето на Обединетото Кралство, но многу е проблематично дека на овој самит во Брисел ќе добие зелено светло, имајќи го предвид недостигот од напредок во прелиминарните преговори.

„Не е постигнат доволен напредок за да се тргне во таа втора фаза од преговорите“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, алудирајќи на неопходноста прво да се решат прашањата на државјаните на земјите членки на ЕУ и на Велика Британија, границата со Ирска и финасиските договори.

Мирна и неимпресионирана од оваа изјава, британската премиерка Терез Меј рече дека „особено сакал што побрзо да постигне договор за правата на европските државјани во Британија и обратно“. На својот профил на Facebook им порача на европските граѓани на Островот, а ги има околу три милиона, дека договорот кој ќе им ги гарантира правата по Брегзит-от е „на дофат“.

„Ќе бидеме сведоци на конкретен напредок постигнат во нашите преговори за излегувањето и ќе поставиме амбициозни проекти во седмиците кои следат“, рече Меј. Потсети дека пред неколку седмици во Фиренца претстави многу смела и амбициозна агенда и визија за идното партнерство меѓу ЕУ и Велика Британија.

„Се радувам што во претстојниот период ќе можеме да оствариме напредок“, порача британската премиерка.

Европските челници, меѓутоа, и натаму повторуваат дека од Лондон очекуваат многу повеќе „јасност“ за спорните прашања, за да може да се започне со втората фаза од преговорите.