Меј ќе ја формира новата британска влада со северноирските унионисти

Единствено конзервативците може да формираат влада способна да го изведе излегувањето на Велика Британија од Европската унија, изјави во петокот Тереза Меј, премиерка и челник на Конзервативна партија, откако постигна договор за поддршка од северноирските унионисти, а нејзините пратеници соопштија дека немаат намера да ја сменат од челната позиција иако е изложена на остри критики по предвремените парламентарни избори на коишто не успеа да освои уверливо мнозинство како што се надеваше.

Изложена на жестоки критики бидејќи ги распиша предвремените парламентарни избори за да ги засили позициите на Конзервативната партија, а се случи да го загуби досегашното апсолутно мнозинство, премиерката Тереза Меј изјави дека продолжува да ја извршува својата работа и дека новата влада ќе ја формира многу брзо, како и дека веќе потврдила оти ги задржува петте клучни министри.

„Како што ги земам предвид резултатите од изборите, ќе го земам предвид и она што мораме да го сториме во иднина за со партијата да тргнеме напред. Како партија којашто освои најмногу мандати и гласови, ние сме единствената партија која е во позиција да формира влада“, истакна Меј.

Функционерот на нејзините конзервативци Греам Бреди изјави дека кампањата имала недостатоци, меѓутоа дека партијата сака континуитет.

„Она што го слушам од повеќето колеги е дека не постои желба партијата и државата да бидат втурнати во период на неизвесност, дека навистина сакаме да понудиме континуитет. Не мислам дека постои голема желба за ново водство или, што ќе им се допадне на избирачите на општите избори“, изјави Бреди за BBC.

Меј потврди во петокот дека на функциите остануваат досегашните министри за финансии, Филип Хамонд, за надворешни работи Борис Џонсон, министерот задолжен за Брегизтот Дејвид Дејвис, министерката за внатрешни работи Ембер Рад и за одбрана Мајкл Фалон.

Меј претходно во петокот побара од британската кралица Елизабета Втора дозвола да ја формира новата влада по изборниот дебакл и објави дека во парламентот може да смета на поддршката од своите „пријатели“ од северноирската Демократска унионистичка партија (DUP).

Оваа партија, којашто се залага Северна Ирска да остане во Обединетото Кралство, а има конзервативни ставови за социјалните прашања, го зголеми бројот на своите пратеници на десет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.