Меј порача дека нема да има втор референдум за Брегзит

Владата на Велика Британија нема да распише нов референдум за Брегзит, изјави во четвртокот портпаролот на британската премиерка Тереза Меј, откако беше објавено дека американскиот милијардер Џорџ Сорос финансира кампања против Брегзит.

„Ставот на премиерката за тоа прашање е јасен: земјата гласаше за излегување од Европската унија. Тоа е она што земјата ќе го направи и нема да има друг референдум. Има многу политички и други групи во оваа земја, тоа е во ред, како што се и очекува во демократијата“, нагласи портпаролот на Меј.

Сорос даде 453.000 евра на британската организација која заговара останување во Европската унија и се обидува да влијае врз гласањето на британските пратеници за завршниот договор за Брегзит, вели нејзиниот претседател.

„Преку својата фондација тој уплати 453.000 евра“, изјави поранешниот министер Марк Малох-Браун, претседател на „„Best for Britain“ (Најдоброто за Британија). Кампањата треба да ја „покрене јавноста за останување на Велика Британија во ЕУ, за да можат пратениците да ја видат промената на јавното мислење кога во парламентот ќе се гласа „за завршниот договор со Брисел“.

Сорос на Светскиот економски форум во Давос во Швајцарија, минатиот месец нагласи дека британската премиерка Тереза Меј нема долго да остане на власт и рече дека Британците не се свесни за финансиските последици од Брегзитот.