Мејер: Ќе има менување на границите на Балканот

Поранешниот заменик-шеф на ЦИА, Стивен Мејер изјави дека според него Република Српска и натаму ќе постои и додаде дека постојат големи шанси за менување на границите на Балканот, пренесува МИА.

Мејер во интервју за „Вечерње новости“ нагласи дека „ќе се менуваат границите на Косово, Босна и Херцеговина и во Македонија“.

– Најопасно место на Балканот во моментов е Македонија, не само поради проблемите меѓу македонските Албанци и македонските православни верници, туку и поради тоа што меѓу самите православни верници во Македонија постојат несогласувања, смета Мејер.

Тој на прашањето за опстанок на Република Српска изјави дека според него таа ќе опстане, но прашањето е само во која форма.

– И во иднина не очекува ситуација со два ентитети и мошне лабав договор меѓу нив. Сите одлуки треба да се носат на ниво на ентитетите. БиХ е фиктивна држава, држава само на мапа, истакна тој.

Одговарајќи на прашањето дали постои поддршка на САД за измена на Дејтонскиот договор и зајакнување на централната власт во БиХ, Мејер истакна дека општ заклучок е дека Белата куќа ги поддржува босанските муслимани и оти американската Амбасада во Сараево отсекогаш инсистирала на креирање единствена држава.

Во врска со одбележувањето на 21. годишнината од операцијата „Бура“ во Хрватска, Мејер на прашањето „зошто САД дозволиле етничко чистење на Србите во Хрватска и зошто никој не бил казнет за тоа?“, одговори дека американската Влада ги предупредила хрватските власти дека треба да застанат „кога биле на половина пат од нападот“.

– Постојат многу луѓе од Западот, кои тврдат дека тоа не е етничко чистење, што е смешно, бидејќо тоа е всушност тоа, рече Мејер.

Во врска со работата на Хашкиот трибунал, тој рече оти мисли дека „во Хаг има премногу Срби“, а за американската политика кон Косово наведе дека таа не се менувала од 1999 година.