Магазин

Мексиканските актери го отворија „Битола Шекспир фестивал“

Мексиканските актери го отворија „Битола Шекспир фестивал“

Со изведба на претставата „Хенри Четврти“, на Националниот театар од Мексико, синоќа во Народниот театар во Битола започна второто издание на „Битола Шекспир фестивал“.

Претставата доби громогласен аплауз од многубројната публика. Истата претходно била прикажана на фестивалот „Глуб ту глоуб“ во Лондон, како и во максиканската метропола, каде наишла на особен прием.

Пред почетокот на фестивалот, се обратија американскиот режисер Џон Блондел од театарот во Санта Барбара, Калифорнија и битолскиот градоначалник, Владимир Талески, кои ја истакнаа важноста од одржувањето на овој фестивал посветен на Шекспир во Битола и посакаа успешно фестивалско патување.

Со одржувањето на „Битола Шекспир фестивал“ и Македонија се приклучува кон одбележувањето на 450 години од раѓањето на Шекспир. На второто издание на фестивалот ќе бидат прикажани осум претстави посветени на творештвото на големиот англиски драматург.

Вечерва е предвидена изведба на претставата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Театар Комедија, додека утревечер на репертоарот е претставата „Хамлет“ во изведба на Националниот театар од Истабул.Фестивалот се одржува со поддршка на Министерството за култура и општина Битола.