Мексико и понатаму тврд орев за Бразил

Без победник и без погодоци заврши премиерниот натпревар од второто коло во групата „А”, дуелот помеѓу репрезентациите на Бразил и Мексико.

Домаќинот на најважниот настан во 2014 година создаде повеќе чисти шанси пред противничкиот гол, но не најде лек за фантатсичниот голман на Мексико, Гилермо Очоа кој беше нерешлива енигма прво за Неимар, а потоа и за капитенот на „кариоките”, Тиаго Силва.

И репрезентативците на Мексико создадоа неколку посериозни шанси на противничката половина, но сите удари завршија над голот на Цезар.

„Јас мислам дека одигравме подобро во споредба со натпреварот против Хрватска. Можам да кажам дека сум задоволен од играта на моите фудбалери, но има место за напредок. На добар пат сме за да обезбедиме пласман во 1/8 финалната рунда, но би сакал тој билет да го осигураме со стил, со победа во последното коло. Знам дека во Бразил има таква традиција, дека луѓето постојано коментираат, изјавуваат дека противникот не одиграл ништо посебно. Тоа не е точно, Мексико одигра фантастично”, изјави предводникот на „кариоките”, Луис Филипе Сколари.