Меланија Трамп по операцијата се врати во Белата куќа

Првата дама на САД, Меланија Трамп, се врати во Белата куќа по пет дена минати во болница откако врз неа беше спроведена мала хируршка интервенција на бубрезите.

Првата дама се одмара и е во добро расположение, рече нејзината портпаролка, заблагодарувајќи им се на илјадниците луѓе кои испратиле пораки до госпоѓа Трамп.

Поранешната словенечка манекенка, Меланија (48), неделава ја мина во воената болница во близина на Вашингтон. Третата сопруга на претседателот Доналд Трамп не се експонира премногу откако се пресели во Белата куќа.

Според една анкета, 57 отсто од Американците имаат позитивно мислење за неа, што е подобар резултат од поддршката од 47 отсто во јануари.

Посебно е интересно што во политички поларизираната Америка, Меланија успеала да го подобри впечатокот кај демократите и тоа дури за 15 проценти. Со тоа, политичките противници на Трамп сега се целосно поделени во врска со нивното мислење за првата дама.